Арсен Венгер има сериозна понуда да стане тренер на Висел Кобе, јапонскиот клуб во кој играат ветераните Андрес Иниеста, Давид Вилја и Лукас Подолски, објавува порталот „Гол“.
Францускиот стручњак е без работа откако замина од Арсенал минатото лето по 22 години во северен Лондон и 69-годишниот Венгер постојано тврдеше дека не планира да се пензионира, и дека чека „вистинска“ понуда.
Се верува дека Висел Кобе му понудиле двеиполгодишен договор до крајот на 2021 година, со одлична заработувачка од 4 милиони евра по сезона. Бонус е тоа што Венгер веќе зборува јапонски и нема да има проблем да се прилагоди на работата.
„Ќе се вратам во фудбалот сигурно. На каква позиција не знам, не знам дали ќе бидам тренер, но апетитот, желбата за работа се уште тука“, изјави неодамна Венгер.