Top Sport

Венгер: Фудбалот го уништуваат тимовите со финансиска моќ

Натпреварувањето во најголемите европски лиги е уништено од клубовите кои имаат „огромна финансиска моќ“, се жали тренерот на Арсенал, Арсен Венгер.

Французинот ја посочи ситуацијата во лигите во Франција, Германија, Англија и Шпанија. Пари Сен-Жермен има 11 поени предност во Лига 1, Баерн Минхен има 16 поени повеќе од ривалите во Бундеслигата, додека Манчестер сити имаат 15 поени во Премиер лигата. Во Шпанија, Барселона е 11 поени пред Атлетико Мадрид, додека неизвесно е во Италија, каде што Наполи имаат еден поен предност пред освојувачите на последните шест титули, Јувентус.

„Јасно е дека веќе нема неизвесност. Кога ќе ги погледнете првите пет лиги во Европа, во четири од нив веќе ги знаеме шампионите. Тоа значи дека нешто не е во ред со нашиот спорт. Големата финансиска моќ на дел од тимовите едноставно ја уништува конкурентноста“, вели Венгер.

Зборовите на Венгер доаѓаат откако клубовите во Премиер лигата потрошија 150 милиони само во средата, и вкупно 430 милиони фунти во јануарскиот преоден рок. Според Венгер, правилата за финансиски фер-плеј на УЕФА се „безвредни“ бидејќи клубовите едноставно не ги почитуваат.

Во Бундеслигата доминира Баерн Минхен со 12 од последните 18 титули, вклучувајќи пет во ред. Во последните 13 сезони, шпанската титула оди кај Реал Мадрид (4) или Барселона (8), со исклучок на Атлетико Мадрид во 2014. Во Италија, Јуве има шест титули во низа, а Интер освои пет титули од 2006 до 2010.

Во Франција има шест различни освојувачи на титулата од 2007 до 2013, но ПСЖ има четири титули во псоледните пет сезони. Во Премиер лигата пак, Челси, Манчестер јунајтед, Манчестер сити и Лестер ги освојуваа титулите последните 12 години. Од воведувањето на Премиер лигата во 1992 година само шест тима имаат титули, покрај тие четири тука се и Блекбурн и Арсенал.

Премиерлигашите го срушија рекордот, потрошија 430 милиони фунти!

Scroll to Top