Поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер вели дека лутото ривалство со Жозе Мурињо почнало уште во 2004 година, кога Челси почнале да трошат пари „кои не ги заработиле“.
Венгер имаше неколку конфликто со Португалецот, додека тој беше тренер на Челси, со зајадливи коментари пред печатот и со многубројни турнканици покрај аут-линијата. 72-годишниот Французин, кој сега работи како одговорен за глобален фудбалски развој во ФИФА, откри како почнало ривалството.
Главен „виновник“ е Роман Абрамович, кој откако го купи клубот во 2003 и го ангажираше Мурињо следната година, Челси почна да купува ѕвезди, носејќи ги Дидие Дрогба, Петр Чех, Арјен Робен, Рикардо Карвалјо, Пауло Фереира и Матеја Кежман. Во 2006 година, Челси исто така го купија и Ешли Кол од Арсенал за 25 милиони фунти, додавајќи оган на маслото.
„Моите ривалства претходно беа повеќе со клубовите отколку со личностите, никогаш не сум кажал нешто на лично ниво. Имав многу несогласувања со Мурињо тогаш, бидејќи сметав дека Челси беа првиот клуб од кој дојдоа и ги трошеше парите кои не ги заработиле. Тогаш немаше правила за финансиски ферплеј, а сега има поголема контрола околу финансиите“, вели Венгер.
Најголемиот конфликт меѓу двајцата беше во февруари 2014, кога Мурињо го нарече Венгер како „специјалист за неуспеси“ по што двајцата имаа бурен конфликт на мечот на „Стемфорд Бриџ“ во октомври 2014, кога Челси стигна до 2:0 победа.