Top Sport

Венгер не се враќа во Арсенал, ниту да гледа натпревар!

Арсен Венгер ја отфрли можноста да се врати во Арсенал во било каква улога, дури ниту да погледне еден натпревар, но е задоволен што оваа сезона Ливерпул не успеа да го повтори успехот на неговите „непобедливи“.

70-годишниот Французинот си замина од Арсенал по 22 години летото 2018 година, по што прифати работа со ФИФА како шеф на одделот за глобален развој.

„Дали би се вратил на ’Емирати’? Секогаш велев дека кога ќе заминам, ќе заминам целосно од Арсенал. Тоа и го направив. Бев менаџер на клубот 1.235 натпревари, имав добри и лоши мечеви, но секогаш ги бранев вредностите на клубот“, вели Венгер, кому сепак, Арсенал му подготвуваат статуа пред стадионот.

Сезоната 2003/04, секако, ќе биде сметана за најголем успех на Венгер, кога Арсенал како единствен клуб во историјата стигна до титулата од Премиер лигата без пораз. Ливерпул оваа сезона беа блиску до овој успех, пред во февруари да загубат со 3:0 од Вотфорд.

„Да, беше мало задоволство да го видам Ливерпул како загуби. Секогаш сакаш нешто што си успеал да остане само твое. Ливерпул беа блиску, но тоа само покажува колку беше тешко тоа остварување“, додава Венгер.

Scroll to Top