Поранешниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер вели дека Месут Озил смее да има став околу политичките прашања, откако Германецот го осуди третманот на Ујгурите во Кина, но признава дека тој „мора да ги сноси последиците“.
Откако Кина го „избриша“ Озил од своите интернет-пребарувачи и го затвори официјалниот фан-клуб на Германецот со турско потекло, денеска тој беше избришан од фудбалските видео-игри кои се продаваат во Кина.
Арсенал се дистанцираа од коментарите на Озил, а Венгер сега му порача да биде внимателен со коментарите, бидејќи не сите го делат неговото мислење.
„Тоа што го кажува Месут е за него, а не за Арсенал. Месут Озил има слобода на говор како сите други и го користи тоа да ги искажува своите ставови, кои не ги делат сите. Но, на крајот, тој има индивидуална одговорност. Не мора да го носи Арсенал со него. Кога коментираш за свое убедување, тогаш ќе ги прифатиш и последиците“, вели Венгер.
Сепак, Озил доби неверојатна поддршка од американскиот државен секретар, Мајк Помпео.
„Кинеската комунистичка пропаганда може да го цензурира Месут Озил или мечевите на Арсенал, но вистината ќе победи. Не може да се сокријат големите прекршувања на човечките права во Кина“, изјави Помпео.