Top Sport

Венгер: Салах може да биде како Меси, но мора да биде помалку себичен

Поранешниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер вели дека ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах е многу сличен со Лионел Меси и може да го достигне нивото на легендарниот Аргентинец, но само ако ја намали опсесијата за постигнување голови и не биде толку себичен пред голот.

Венгер, кој неодамна најави дека има желба да се врати на тренерската професија, вели дека играта на Салах може да се спореди со таа на Меси, но дека понекогаш треба да научи дека треба да додава до соиграчите.

„Ако сакаме да бидеме конкретни, тој заостанува околу 20 гола по сезона зад Меси . Но, сличен е со него и мора да ја најде таа постојаност. Меси е комплетен фудбалер – тој додава топки во финишот, додека Салах е опседнат со тоа да постигне повеќе голови. Треба да знаеш кога да шутираш, а кога да дадеш на соиграчот. Мене многу ми се допаѓа и потенцијалот е огромен“, вели Венгер.

Типичен пример за ова беше дуелот против Барнли (3:0), за кој Салах беше критикуван што во второто полувреме не му додаде на Садио Мане, кој беше во далеку подобра позиција. Венгер вели дека човекот кој е несебичен во нападот на Ливерпул е Роберто Фирмино.

„Сите забораваат дека момчето кое се жртвува е Фирмино. Како што правеше Суарез за Меси и Нејмар. Тоа е многу тешко да се најде, напаѓач кој е дарежлив со топки“, додава Венгер.

Scroll to Top