Агентот на Тимо Вернер, Карлхајнц Ферстер вели дека е можно во блиска иднина фудбалерот на Челси да се приклучи на Баерн Минхен, каде што повторно би работел под тренерот Јулијан Нагелсман.
Вернер и Нагелсман работеа заедно во РБ Лајпциг, пред Челси да го купи за 53 милиони фунти минатото лето. Од Вернер имаше големи очекувања на „Стемфорд бриџ“, но сезоната беше одбележана со малку голови и неколку навистина спектакуларни промашувања.
„Јулијан го пушташе Тимо да игра на поинаква позиција во Лајпциг. Налик на Томас Милер во Баерн и мислам дека уште постои меѓусебното почитување. Не знаеме што ќе се случи во иднина, фудбалот е брз спорт“, изјави Ферстер.
Вернер во сезоната пред да дојде во Челси имаше 34 гола, за разлика од 12 гола во 52 настапи за „сините“. Сепак, се верува дека менаџерот на Челси, Томас Тухел има големи планови за својот германски сонародник и дека не планира да го пушти ова лето.