Џеред Боуен ги постигна своите први два гола оваа сезона за да ги предводи Вест хем до 2:0 победа над Евертон, за „чеканите“ да излезат од зоната за испаѓање и да ја спасат позицијата на менаџерот Дејвид Мојс, кому му се закануваше отказ доколку не беше подобар од тимот на Френк Лампард.
Боуен стрелаше во 34. и 41. минута за да ги осигура трите поени за Вест хем и да го зголеми притисокот на Евертон, кои остануваат на претпоследното место на табелата со ист број на поени како последнопласираниот Саутемптон, кои загубија дома од Астон вила за неверојатен 13-ти пораз за „светците“.
Супер-интересно беше на „Кинг Пауер“, каде што Лестер и Брајтон одиграа 2:2. Брајтон поведоа преку Митома во 27. минута, но Лестер направи пресврт, израмнувајќи преку Олбрајтон во 38. минута и поведувајќи преку Барнс во 63. минута. Еван Фергусон обезбеди поен за тимот на Роберто де Ѕерби во 88. минута од мечот.
ПРЕМИЕРЛИГА, 21.КОЛО
Борнмут – Нотингем форест 1:1
Лестер – Брајтон 2:2
Саутемптон – Астон вила 0:1
Вест хем – Евертон 2:0