Лестер сити ќе изградат статуа на својот покоен претседател Вичаи Шриваданапраба пред стадионот „Кинг пауер“, потврдија од клубот, откако Вичаи загина со уште четири луѓе во страшната хеликоптерска несреќа по мечот со Вест Хем минатиот месец.
Синот на Кун Вичаи и потпретседател на клубот, Ајават ја потврди вестата во личната посвета кон неговиот татко која е напишана пред саботниот меч против Барнли, првиот домашен меч по трагедијата.
Под водство на Вичаи, Лестер прво се врати во Премиер лигата, а потоа шокантно стана шампион од Премиер лигата.
„Никогаш нема да можеме да му вратиме за тоа што го направи за нас – за мене како син, за нас како семејство и за сите поврзани за Лестер сити, но ќе го почитуваме неговото наследство. Експанзијата на клубот ќе ја реализира неговата визија за Лестер сити. Планирам да изградиме статуа на мојот татко пред стадионот, како последен поздрав за човекот кој го овозможи ова“, напиша Ајават Шриваданапраба.