Top Sport

(Видео) Анри: Гризман ти благодарам за сè што направи за фудбалот

Тиери Анри (48), легендарен француски фудбалер и актуелен стручен коментатор, го остави напаѓачот на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман (35), без зборови со порака откако „јорганџиите“ се пласираа во полуфиналето на Лигата на шампионите.

Атлетико ја елиминираше Барселона со 3:2 во драматичното четвртфинале, а Гризман по натпреварот се вклучи во програмата на Си-Би-Ес.

Искусниот 35-годишен напаѓач, кој ќе се приклучи на тимот на Орландо Сити во американската лига МЛС следната сезона, по завршувањето на сезоната, разговараше за натпреварот со својот сонародник Анри.

Наместо вообичаеното интервју, поранешната ѕвезда на Арсенал ја искористи можноста да му се заблагодари на Гризман.

„Антоан, имам нешто да ти кажам“, започна Анри на француски. „Ти благодарам за сè што направи за францускиот фудбал, за репрезентацијата и едноставно за фудбалот. Ни даде многу.“

Гризман, кој одигра 137 натпревари за Франција и беше дел од генерацијата што го освои Светското првенство во 2018 година, беше изненаден и за момент остана без зборови.

Пофалби за Гризман стигнаа и од неговиот тренер. Диего Симеоне го опиша како гениј.

„Со текот на времето, ќе разбереме дека тука имавме фудбалски гениј, играч кој прави разлика, со искуство и карактер“, рече Симеоне. „Се надевам дека Бог и судбината ќе му го дадат она што го бара во преостанатото време со нас.“

По натпреварот, Гризман остана на теренот на стадионот „Метрополитано“, уживајќи во атмосферата со навивачите.

„Се надевам дека ќе можам да им помогнам на моите соиграчи да направат нешто убаво, нешто историско оваа сезона. Нашите навивачи го заслужуваат тоа“, им рече тој на новинарите на излегување од стадионот.

„По натпреварот, останав со нив неколку минути на теренот, уживајќи во песните и атмосферата, што беше фантастично. Сега одиме понатаму.“

Foto/ EPA

Scroll to Top function disable_right_click() { echo ""; } add_action('wp_footer', 'disable_right_click');