Top Sport

(Видео) Арсенал го декласира Манчестер сити

Арсенал полесно од очекувањата го доби дербито против Манчестер сити. Арсенал го декласира актуелниот првак со 5:1 и ја продолжи трката со Ливерпул за трофејот оваа сезона.

Иако гостите успеаја да израмнат во 55. минута, до крајот Арсенал до врв ја наполни мрежата на Ортега.

Арсенал поведе по неполни две минути, по голем кикс во одбраната на Манчестер сити, Аканџи реагираше катастрофално, високиот пресинг на домашните вроди со плод, Рајс го проигра Хаверц, кој можеше да шутира, но му асистираше на Одегард.

„Граѓаните“ можеа да израмнат по првиот корнер во 23. минута, Мармуш нафрли одлично, Гвардиол се обиде со глава, но Раја го одбрани, а топката потоа се одби од гредата во шеснаесетникот.

Во 44. минута Раја уште еднаш беше на висина на задачата, по лошата интервенција на одбраната на Арсенал, шутираше Савињо, но шпанскиот голман уште еднаш беше сигурен.

Сепак, она што не им успеа во првото полувреме, гостите го направија на стартот од вториот дел, поточно во 55. минута. Савињо нафрли од десната страна, Холанд беше највисок во скокот и со прецизен удар со глава успеа да ја испрати топката во мрежата на Арсенал.

Тоа само како да ги налути „Топџиите“, кои брзо израмнија. Повторно причина за се беше киксот на играч на Манчестер Сити, овој пат на Фоден, по што Парте шутираше од 18 метри, топката се одби од Стоунс и го измами Ортега.

Во 62. минута Арсенал дојде до предност од два гола, Луис Кели ја прими топката во противничкиот шеснаесетник и стрелаше прецизно во спротивниот агол. 18-годишникот го постигна првиот гол во Премиер лигата.

Прашањето на победникот дефинитивно беше решено во 76. минута, Арсенал го постигна четвртиот гол по фантастичен контранапад, Мартинели несебично го пригра Хаверц, кој најде простор да шутира и од десетина метри го совлада Ортега.

Во судиското надополнување, уште еден тинејџер се запиша во листата на стрелците, по одличното додавање на Деклан Рајс, 17-годишниот Нванери лесно ја погоди противничката мрежа за да стави крај на агонијата на Сити за голема радост на домашните навивачи.

Scroll to Top