Фудбалерите на Арсенал се пласираа во 1/4 финалето на ФА Купот откако го победија Менсфилд Таун на гостински терен со резултат од 2:1.
Лидерот во Премиер лигата и тимот кој, за многумина, игра најдобар фудбал оваа сезона, се мачеше на не многу добро подготвениот терен на членот на третата лига.
Арсенал го контролираше натпреварот речиси цело време, поведе на крајот од првото полувреме, но наиде на неочекуван проблем на почетокот од второто полувреме кога Вил Еванс го израмни резултатот.
Напаѓачот на Менсфилд ја искористи грешката во додавањето на Марли Салмон во обидот да ја врати топката до Москера.
Откако го „пресече“ додавањето, Еванс лесно се ослободи од Москера со еден дриблинг, а потоа рутински го совлада голманот Аризабалаг, предизвикувајќи делириум на стадионот „One Call“.
На тој начин домашните го поништија голот на Нони Мадуеке.
По израмнувањето, Артета не сакаше да се коцка, ги внесе Езе и Тимбер во игра, го извади виновникот за голот на Салмон, како и Хаверц, а токму Езе беше човекот на одлука.
Резервата на „топџиите“ ја искористи шансата во која се најде во 66-та минута, се намести за шут, беше побрз од голманот и ја смести топката во мрежата со моќен удар – за триумф на Арсенал.
