Top Sport

(Видео) Баерн не дозволи камбек на „ѓаволите“, блесок на Арсенал, само реми за Интер

Баерн Минхен не дозволи да испушти сигурно водство и стигна до 4:3 победа над Манчестер јунајтед во дуел на двата европски гиганти во првото коло во Лигата на шампиони. Минатогодишниот финалист Интер, немаше најдобар старт со 1:1 реми на гости кај Реал Сосиедад, додека Арсенал своето враќање во елитното натпреварување го прослави со рутинска 4:0 победа над ПСВ Ајндховен.

На „Алијанц арената“, Манчестер јунајтед се закани на почетокот со неколку убави акции, но Баерн дојде во водство во 28. минута, кога голманот на гостите, Андре Онана му „подари“ гол на Лирој Сане со несмасна интервенција. Само четири минути подоцна, Баерн имаше 2:0, откако по одличниот пробив на Џамал Мусијала, Серж Гнабри не згреши.

Јунајтед ја вратија надежта за камбек во 49. минута кога Данецот Расмус Хојлунд го даде првиот гол во дресот на „ѓаволите“, но само четири минути подоцна беше досуден пенал по играњето со рака на Кристијан Ериксен, а Хери Кејн му заби гол на својот несуден тим. Завршницата на мечот одеднаш стана неизвесна, откако Касемиро во 88. минута од мечот ја казни невнимателноста на одбраната на Баварците за 3:2, но Матијс Тел во 92. минута ги уништи надежите на гостите, за во 94. минута, Касемиро по вторпат да стрела за 4:3 по слободниот удар на Бруно Фернандеш.

На „Аноета“, Реал Сосиедад дојде до рано водство против Интер со голот на Браис Мендес веќе во четвртата минута, по што домаќините не издржаа за голема победа, откако Лаутаро Мартинез во 87. минута успеа да израмни. Елиф Елмас доби шанса во 66. минута на мечот помеѓу Брага и Наполи, откако Џовани ди Лоренцо во првото полувреме ги донесе гостите во водство. Брага израмни преку Брума во 84. минута, пред домаќините да си постигнат автогол во 88. минута за 1:2.

Арсенал имаше лесна задача против холандскиот шампион ПСВ Ајндховен, доминирајќи во првото полувреме. Букајо Сака го отвори резултатот по осум минути игра, во 20. минута му асистираше на Леандро Тросар за 2:0, а веќе во 38. минута беше 3:0 по голот на Габриел Жесус. Во второто полувреме, Мартин Одегард во 70. минута стави точка на мечот.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1.КОЛО
ГРУПА А
Баерн Минхен – Манчестер јунајтед 4:3
ГРУПА Б
Арсенал – ПСВ Ајнхдовен 4:0
Севилја – Ленс 1:1
ГРУПА Ц
Брага – Наполи 1:2
ГРУПА Д
Бенфика – Салцбург 0:2
Реал Сосиедад – Интер 1:1

Scroll to Top