Top Sport

(ВИДЕО) Барселона му нанесе тежок пораз на Реал во Далас

Барселона го победи својот најголем ривал Реал Мадрид со 3:0 во пријателскиот натпревар одигран синоќа во Далас. Головите за каталонскиот тим ги постигнаа Осман Дембеле во 14. минута, Фермин Лопез во 84. и Феран Торес во 90. минута, а напаѓачот на Реал, Винисиус Жуниор, промаши пенал во 20. минута.

Тренерот Карло Анчелоти го започна натпреварот оставајќи ги на клупата двајца искусни играчи од средниот ред Лука Модриќ и Тони Крос. Во формацијата 4-4-2 на средината на теренот постави ромб со Џуд Белингем зад двајцата напаѓачи, Винисиус Жуниор и Родриго.

„Денес сакав да ги видам младите. Веќе знам што можат да направат Модриќ и Крос“, изјави Анчелоти по натпреварот. „Мојата идеја беше да им дадам минути на оние што почнаа. Во следниот натпревар, тие што играа помалку сега ќе играат повеќе“, додаде тој. Во 58. минута, Камавинга и Валверде беа заменети со Модриќ и Крос, при резултат 0:1.

Реал Мадрид иако загуби со 3:0, сепак, не беше во инфериорна улога на овој меч. „Кралевите“ дури петпати ја погодија рамката од голот на Барселона, од кои Винисиус Жуниор трипати. Бразилецот не успеа да искористи и пенал, откако ја погоди гредата.

 

Scroll to Top