Фудбалерите на Торино ја победија Рома на „Олимпикo“ со 1:0 во натпреварот од третото коло на Серија А. „Биковите“ ја забележаа првата победа оваа сезона, воедно на Рома и го нанесоа првиот пораз по двете победи на стартот.
Стрелец на голот за „биковите“ беше Џовани „Чолито“ Симеоне, син на познатиот тренер на Атлетико, Диего.
Моментот на одлука се случи во 59-та минута кога Торино, по иницијативата на противникот, постигна гол во транзиција.
Симеоне повлече во контра, размени додавање со Нгонг, се позиционираше и откако доби прецизен пас од истиот играч, со хируршки прецизен удар од работ на шеснаесетникот го совлада Миле Свилар.
Ci sono tipo sei errori in 30 secondi, poi quello fa il goal dell’anno dopo un anno di niente#RomaTorino#Simeone
— ApocaFede (@DrApocalypse) September 14, 2025
Кај Торино блескаше и голманот, Франко Израел, кој во надополнувањето на времето спречи израмнување по обидите на Писили, Суле и Ел Шарави, и дефинитивно го дели епитетот херој на натпреварот со Симеоне.
За Римјаните ова беше прв пораз против Торино во последните девет меѓусебни дуели, а воедно и прв пораз воопшто на домашен терен по 13 натпревари.
Голот што го постигна Симеоне е прв за „Биковите“ оваа сезона, по ремито со Фиорентина во претходното коло и дебаклот против Интер (0:5) во отворањето на сезоната.
Foto/ EPA