Top Sport

(Видео) Евра по судската пресуда игра кошарка во затворска облека

Поранешниот француски фудбалер Патрис Евра (43) е осуден на условна казна од 12 месеци затвор поради напуштање на семејството во периодот од мај 2021 до септември 2023 година, објави „Ле Парисиен“, повикувајќи се на одлуката на Кривичниот суд во Нантер. Евра ја обжали одлуката според која на поранешната сопруга Сандра ќе треба да и плати 4.000 евра за морална штета и 2.000 евра за судски трошоци.

Откако весникот ја објави информацијата, Евра објави бизарно видео на Инстаграм. Облечен во портокалова затворска облека со знак за долар околу вратот и лисици на рацете, тој танцува и игра кошарка на нешто што изгледа како затворски терен.

Дозволете ми да ја заклучам оваа глупава вест: „Погледнете колку уживав во затворот“, напиша Евра.

„Се надевам дека благодарение на оваа одлука, Патрис Евра ќе разбере дека не е над законот и дека не може да ги остави сопругата и децата преку ноќ, особено што се запознале на 15-годишна возраст, а таа го следела низ светот и ја поддржувала неговата фудбалска кариера“, изјави адвокатката Натали Дубоа за „Ле Парисиен“ и додаде дека Евра на нејзината клиентка Сандра и должи 969 илјади евра алиментација.

Адвокатот на Евра, Жером Бурсикан, рече дека Патрис ги негира наводите. „Господинот Патрис Евра поднел жалба знаејќи дека на сопругата и обезбедил стан, куќа со базен на југот на Франција и и позајмил речиси два милиони евра за секојдневно живеење, сума која таа одбива да ја врати, што е причината за ова судење“, рече Бурсикан.

Сандра (42) и Патрис (43) се венчаа во 2007 година и имаат две деца. Во јули 2020 година, британскиот таблоид „Дејли Мејл“ објави фотографии од Евра како се бакнува со данската манекенка Александра Марго додека тој сè уште беше во брак. Случајот за развод беше покренат пред четири години.

Според податоците на „Трансфермаркт“, во текот на својата богата кариера, Евра играше како бек за италијанските клубови Марсала 1912, Монца и Јувентус, потоа Ница, Монако и Марсеј во Франција и Манчестер јунајтед и Вест Хем во Англија.

Освои 19 клупски трофеи, додека за француската репрезентација забележа 81 настап. Кариерата ја заврши во 2019 година.

Scroll to Top