Фото/ EPA/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH
Фудбалерите на Реал Мадрид се пласираа во четвртфиналето на Светското клупско првенство во САД по минималната победа над Јувентус.
Дерби натпреварот од оваа фаза од натпреварувањето, одигран на стадионот „Хард Рок“ во Мајами, заврши со резултат 1:0 (0:0). Стрелец на единствениот гол беше Гонзало Гарсија во 54-та минута.
Реал Мадрид се пласираше во осминафиналето како победник во Групата Х, додека Јувентус заврши втор во Групата Г зад Манчестер сити.
Во првото полувреме немаше голови, иако играчите на двата тима имаа шанси во неколку ситуации, пред сè Рендал Коло Муани (Јувентус), Џуд Белингам и Феде Валверде (двајцата Реал Мадрид).
Во продолжението, се започна со иницијатива на шпанскиот тим (шанси на Белингам и Хујсен), а во 54-та минута, конечно беше затресена италијанската мрежа: Стрелец беше 21-годишниот напаѓач Гонзало Гарсија Торес, кој сè повеќе му се наметнува на Чаби Алонсо.
Тој скокна високо по центаршутот на Трент Александар Арнолд и го совлада одличниот голман Микеле Ди Грегорио.
Тоа беше неговиот трет гол и сега е најдобар стрелец на Реал на Светското клупско првенство.
Реал имаше повеќе можности во остатокот од натпреварот, но Ди Грегорио повторно се истакна и ги сопре обидите на Валверде, Арда Гулер и Чуамени.
Реал Мадрид ќе игра во четвртфиналето на 5 јули во Њу Џерси против победникот од последниот осминафинален натпревар помеѓу Борусија Дортмунд и Монтереј. Таа средба започнува во три часот по полноќ.
Сите четвртфинални парови
4 јули, Пасадена: Палмеирас (Бразил) – Челзи (Англија)
4 јули, Орландо: Флуминенсе (Бразил) – Ал Хилал (Јужна Арабија)
5 јули, Атланта: ПСЖ (Франција) – Баерн (Германија)
5 јули, Њу Џерси: Реал (Шпанија) – Дортмунд (Германија) / Монтереј (Мексико)