Top Sport

(ВИДЕО) Хари Кејн се прости од фановите на Тотенхем: Има толку посебни спомени што ќе ги паметам засекогаш

Хари Кејн наскоро и официјално ќе биде претставен како нов играч на Баерн Минхен. Тотенхем се согласи да го продаде во трансфер за кој ќе добие фиксна сума од 100 милиони евра, а со бонуси таа сума може да се искачи на 115 милиони. Кејн заминува како најдобар стрелец во историјата на клубот, откако постигна 280 гола на 435 натпревари за Тотенхем, клубот во кој ја помина целата своја кариера.

Тој на социјалните мрежи објави проштална порака.

„Поздрав до сите. Сакав да бидам првиот што ќе ви кажам, на навивачите на Тотенхем, дека денес го напуштам клубот. Јасно е дека многу емоции минуваат низ мене. Тажен сум затоа што го напуштам клубот во кој го поминав речиси 20 години од мојот живот – од 11-годишно момче до 30-годишен маж.

Имаше толку многу убави моменти, посебни спомени кои ќе ги паметам засекогаш. Благодарност до сите мои соиграчи низ годините, тренерите, сите вработени во клубот. Имам изградено посебни врски со многу луѓе. Најголемата благодарност до вас, навивачите на Тотенхем. Од првиот момент кога играв за Тотенхем бев еден од вас, дадов сѐ од себе за да бидете горди и да ви дадам што повеќе посебни моменти и спомени кои се надевам дека ќе траат вечно.

Чувствував дека ова е време да заминам, не сакав да влегувам во сезоната со многу нерешени прашања за иднината. Важно е новиот тренер и играчите да се концентрираат на враќање на Тотенхем на врвот на табелата и во борба за трофеи. На Анге и на момците им посакувам многу среќа во тоа. Ќе ги гледам како верен фан.

Ова е порака до сите навивачи на Тотенхем ширум светот кои ме поддржуваа. Јас и моето семејство никогаш тоа нема да го заборавиме. Среќно за Тотенхем. Ова не е „збогум“ затоа што никогаш не знаеш како ќе се одвиваат работите во иднина, но ова е „благодарам“ и ќе се видиме наскоро“, истакна Кејн.

 

Scroll to Top