Top Sport

(Видео) Хоселу го реши трилерот во Мадрид – Реал е во финалето на ЛШ

Реал Мадрид 18.пат во клупската историја ќе се бори за трофејот во Купо/Лигата на шампионите. Вечерва на „Сантијаго Бернабеу“ во инфаркт завршница го победи Баерн со 2:1. Апсолутен херој на Реал е искусниот напаѓач Хоселу, кој со головите во 88. и 91.минута направи пресврт, откако Баерн поведе со голот на Дејвис во 68.минута.

Фудбалерите на Баерн беа на само неколку минути до финалето. Поведоа со спектакуларниот гол на Алфонс Дејвис и водеа до самиот крај на натпреварот, сепак, избраниците на Карло Анчелоти по којзнае кој пат покажаа сила и одлучност да се вратат „од мртвите“ и со голем пресврт да дојдат до победата.

Јунак на натпреварот беше Хоселу, тој влезе во игра во 81. минута и ги постигна двата гола за „кралскиот клуб“. Трагичар е голманот на Баерн, Мануел Ноер. Бранеше брилијантно во текот на целиот меч, но со груба грешка им го подари израмнувачкиот гол на фудбалерите на Реал.

Реал во финалето ќе игра против Борусија Дортмунд, која во два натпревари со вкупни 2:0 го елиминира ПСЖ.

Реал Мадрид е убедливо најуспешен клуб со рекордни 14 титули европски шампион. Борисија само еднаш ја освои Лигата на шампионите, во 1997 година, кога како аутсајдер го победи и Јувентус (3:1) во Минхен.

Scroll to Top