Хрватската фудбалска репрезентација ги победи Фарските Острови со 3:1 во претпоследниот натпревар од квалификациите за Светското првенство и го потврди првото место во групата Л.
Хрватите се третата европска репрезентација која обезбеди пласман на завршниот турнир во Канада, САД и Мексико, по Англија и Франција.
Натпреварот од деветтото коло од европските квалификации одигран во Риека заврши со резултат 3:1 (1:1).
Момците на Златко Далиќ имаат недостижни шест бода повеќе од второпласираните Чеси во пресрет на последното коло.
Натпреварот не започна добро за Хрватите. Фараните неочекувано поведоа во 14-та минута. Голот го постигна Геза Давид Тури.
Хрватска изедначи седум минути подоцна преку Јошко Гвардиол. Петар Муса го комплетираше пресвртот во 57-та минута, а точка на натпреварот стави Никола Влашиќ во 70-та минута.
Во последното коло, Хрватска ќе и гостува на Црна Гора.
Foto/ EPA
