Аталанта го скокна Јувентус на табелата во Серија А, откако вечерва во 10.коло ја победи Монца со 2:0, а Јувентус ремизираше со Парма 2:2.
Како домаќин Аталанта ја победи Монца со 2:0.
Најзаслужен за триумфот на тимот од Бергамо беше српскиот репрезентативец Лазар Самарџиќ.
Играчот од средниот ред влезе во игра на стартот од вториот дел, а потоа го реши мечот со гол во 70. минута и асистенција за Давиде Запакоста во 88. минута од натпреварот.
Аталанта на тој начин ја продолжи серијата без пораз, тимот на Гасперини седум натпревари е без пораз во сите конкуренции. За време на таа серија, избраниците на Џан Пјеро Гасперини победија пет пати.
Тимот од Бергамо го престигна Јувентус во поредокот, бидејќи Старата дама во Торино ремизираше со Парма, 2:2.
Парма на теренот на Јувентус два пати водеше, Јуве се враќаше во натпреварот но во последните 20 минути не успеа да го скрши отпорот на гостите кои извонтедно го бранеа својот гол.
Дел Прато, играчот на натпреварот, ги олади домашните навивачи во третата минута. Изедначи Мекени, а само седум минути подоцна Сохм погоди за нова предност на Парма. Бод на Јувентус му донесе Веа со голот во 49.минута.
Аталанта е трета со 19 поени, шест помалку од лидерот Наполи, Јувентус со 18 бода и четврти на табелата.