Македонија не успеа да сочува фантастично водство од 2:0 по првото полувреме, и загуби со 2:3 со Украина на „Тоше Проески“ во Скопје во второто коло од квалификациите за Европското првенство во 2024 година, во лоша најава за следниот меч, гостувањето кај Англија на „Олд Трафорд“ во Манчестер во понеделник.
Во првото полувреме, Македонија можеби не беше доминантна во играта, но ги контролираше случувањата на теренот и дојде до сосема заслужено водство. По играњето со рака на Матвиенко, и по проверката на ВАР системот во 31. минута, Енис Барди беше прецизен од белата точка за 1:0. Само осум минути подоцна го видовме најубавиот момент на мечот, кога ѕвездата на Наполи, Елиф Елмас постигна прекрасен гол за 2:0 и тотален шок на Украинците.
Но, второто полувреме тешко дека ќе се памети по убаво за навивачите на Македонија. Во 62. минута, по вториот корнер за гостите, дефанзивецот на Борнмут, Иља Забарниј ја натскока цела наша одбрана и го совлада Столе Димитриевски, за само шест минути подоцна, ѕвездата на Челси, Михајло Мудрик да му асистира на Јухим Конопља за израмнување.
„Колапсот“ во играта беше комплетиран во 73. минута, кога Висар Муслиу доби црвен картон, оставајќи не со 10 играчи, за Мудрик да покаже зошто Челси платија стотина милиони евра за него во 83. минута, кога го пронајде Виктор Циганков за 2:3.
На Малта, Англија немаше проблем за да стигне до убедлива 0:4 победа со еден автогол, два гола од пенал (Хери Кејн и Калам Вилсон) и гол од игра на Трент Александер-Арнолд.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк
ЕУРО 2024 КВАЛИФИКАЦИИ, ГРУПА Ц
Македонија – Украина 2:3
Малта – Англија 0:4