Вечерва на „Емирати“ се одигра дербито од третото коло од ФА Купот. Ливерпул го елиминира Арсенал со победата од 2:0.
Арсенал шансите за пласман во чевртото коло ги пропушти во првото полувреме. Неколку добри шанси создадоа домашните фудбалери, но не беа конкретни во завршницата. Најблиску да постигне гол беше Едегард во 11.минута кога ја погоди гредата.
Ливерпул, во првиот дел беше определен да го одбрани својот гол, најдобрата шанса ја имаше во 45.минута преку Александер-Арнолд. Неговиот удар заврши во гредата.
Во вториот дел работите на теренот се сменија, Ливерпул започна да игра подобро, благодарение на неколкуте тактички промени што ги направи Јирген Клоп.
Луис Дијаз имаше одлична можност за Ливерпул во 78. минута, шутираше во долниот десен агол, но уште подобро интервенираше голманот Рамсдејл. Следуваше корнер за гостите, по што Диого Јота од десетина метри ја погоди гредата.
Притисокот на Ливерпул беше се посилен, Арсенал беше притиснат во својот шеснаесетник и во 81. минута Александар-Арнолд упати одличен центаршут во шеснаесетникот, Јакуб Кивиор ја зафати топката со глава, но наместо да ја отстрани опасноста, ја испрати во сопствената мрежа – 0:1.
Арсенал до крајот се обидуваше да израмни, одеше на се или ништо, што им остави повеќе простор на гостите за контранапад. Од една таква контра, Ливерпул стигна до вториот гол преку Дијаз во 94.минута.