Top Sport

(Видео) Луда завршница во Шарлот, Челзи ја елиминира Бенфика

Фудбалерите на Челзи се пласираа во четвртфиналето на Светското клупско првенство во САД откако ја победија екипата на Бенфика во осминафиналето, кое траеше „половина ден“. Натпреварот на стадионот „Бенк оф Америка“ во Шарлот заврши со резултат 4:1 (0:0, 1:1).

Сè до таа 86-та минута беше нормално. Челзи поведе од 64-та минута со голот на Рис Џејмс и беше на прагот да се пласира во следната рунда. А потоа….Молњи се појавија на небото над Шарлот и организаторите решија да го прекинат дуелот само четири минути пред крајот на натпреварот. Од безбедносни причини, фудбалерите на двата тима и судиите предводени од Словенецот Славко Винчиќ се повлекоа од теренот, исто како и навивачите од трибините.

Паузата траеше два часа.

Конечно, кога играта продолжи, беше досуден пенал за Бенфика во судиското продолжение. Аргентинскиот ветеран Анхел Ди Марија рутински ја реализира најстрогата казна и го доведе натпреварот во продолженија.

Фудбалерот на Бенфика, 19-годишниот Аргентинец Џанлука Престијани, во дополнителните 30 минути го доби вториот жолт картон.

Од тој момент со играч помалку Португалците едноставно потонаа. Поточно, тие издржаа во првото продолжение, но кога резервниот играч Кристофер Енкунку повторно му донесе водство на Челзи, јасен беше епилогот.

Педро Нето и Киран Дјусбери Хол набрзо постигнаа голови и крајот тимот од Лондон славеше убедлив триумф – 4:1. Екипата на Енцо Мареска ќе игра во четвртфиналето против Палмеирас, кој го победи Ботафого со 1:0 по продолженијата во Филаделфија.

Scroll to Top