Фудбалерите на Манчестер jунајтед го победија Челзи со 2:1 во петтото коло од Премиер лигата.
Ова е втора победа на Јунајтед оваа сезона, а прва над Челзи од 2023 година.
„Црвените ѓаволи“, барем на 24 часа се вратија во горниот дел од табелата и се наоѓаат на деветтото место, со бод помалку од „сините“, кои го забележаа првиот пораз сезонава во Премиер лигата.
Рубен Аморим и неговите избраници имаа голема помош, бидејќи Челзи остана со играч помалку на теренот по само пет минути игра.
Непромислениот Роберто Санчез излезе од шеснаесетникот, го собори Мбумо и заслужено доби директен црвен картон – трет најбрз за голман во историјата на Премиер лигата и најбрз досега во историјата на неговиот клуб.
Колата потоа тргна надолу – Јунајтед поведе со 1:0 во 14-та минута, а стрелец беше Бруно Фернандеш. Португалецот во 200-от натпревар за Јунајтед го постигна 100-от гол.
Во 37-та минута, Касемиро ја дуплираше предноста на својот тим, а во петтата минута од судиското продолжение доби втор жолт картон, со што стана првиот играч во историјата на Јунајтед кој постигнал гол и бил исклучен во истото полувреме.
Во второто полувреме имаше неспоредливо помалку возбудувања отколку во првото. Во ситуација „десет на десет“, Челзи апсолутно го контролираше поседот (28 спрема 78 отсто), но „сините“ не успеаја да приготват некои добри шанси.
Најголемата ја имаа во 80-та минута, кога Тревор Чалоба им даде надеж на Енцо Мареска и неговите играчи, кога со глава ја смести топката во мрежата на домашниот тим и го намали резултатот.
До крајот на натпреварот, тимот од Лондон не успеа да освои ниту еден бод, и покрај дури седум минути судиско продолжение.