Мароко, Шпанија и Португалија ќе бидат домаќини на Светското првенство во 2030 година. Непознато е каде ќе се игра финалниот натпревар.
Три стадиони се предложени како можни места за финалето на турнирот – Сантијаго Бернабеу (Мадрид), Камп Ноу (Барселона) и новиот стадион во Казабланка.
Бернабеу е фаворит, но Фудбалскиот сојуз на Мароко силно се залага финалето да се одржи на нивниот нов стадион кој моментално е во изградба.
Стадионот Хасан Втори, именуван по мароканскиот крал, ќе се наоѓа на 32 километри северно од Казабланка и се планира да има капацитет од 115.000 гледачи, што ќе го направи најголемиот фудбалски стадион во светот.
Импресино делува делот околу стадионот, односно ботаничките градини што ќе го опкружуваат и ќе создадат мирна оаза во урбаната област на Казабланка.
Посебната карактеристика на стадионот е препознатливиот алуминиумски мрежен покрив во форма на шатор, инспириран од традиционалниот марокански фестивал „musem“, каде луѓето се собираат на отворено и под шатори.
Инаку, за дизајнот на стадионот е одговорна меѓународно признатата компанија „Populous“ со соработка со француски архитекти.