Top Sport

(Видео) Милан не се созеде по мизерниот почеток – Интер има 0:2 предност по првиот меч

Првата „епизода“ од „Дерби дела мадонина“ во Лигата на шампионите, во која иако „росонерите“ беа домаќини помина во знакот на „нераѕурите“, откако Интер со фуриозен почеток дојде до 0:2 предност, која ја задржа до крајот и сега е фаворит за пласман во големото финале во Истанбул пред реваншот.

Во прекрасна атмосфера во Милано и со присуство на ѕвезди како Новак Ѓоковиќ, Франко Барези и Марио Балотели, пред почетокот на мечот имаше фантастична кореографија од навивачите на Милан и Интер во големото европско дерби, но кога почна мечот, следуваше студен туш за Милан и неговите навивачи.

По само осум минути игра, по еден корнер кој го изведе поранешниот фудбалер на Милан, Хакан Чалханоглу, 37-годишниот Един Џеко покажа дека класата не знае за години постигнувајќи фантастично моќен гол. Милан уште не се созедоа од ударот, веќе во 11. минута, по еден пропуст на одбраната, Хенрик Мхитарјан постигна исто толку убав гол од далечина за 0:2.

По половина час игра, Интер беа во уште една совршена ситуација, кога Лаутаро Мартинез ги помина Симон Кјер и Фикајо Томори, по што падна, а судијата Манзано покажа пенал. По прегледувањето на ВАР-снимката, тој ја преиначи својата одлука. Милан не успеа да влезе во ритам до крајот на првото полувреме, за да почнат подобро во второто, но одбраната на Интер остана сигурна и покрај притисокот.

Scroll to Top