Њукасл со вкупен резулта 4:0 го елиминира Арсенал и се пласира во финалето во Лига купот на Англија. По победата во Лондон 2.0, пред еден месец, „страчките“ со идентичен резулта славеа и на домашен терен. „Страчките“ прв пат по 1955 година ќе се борат за трофеј во англискиот фудбал.
И во реваншот Њукасл одигра одличен натпревар. Црно-белите беа агресивни на стратот, а Исак уште еднаш покажа дека е во фантастична форма.
Не постигна гол, но несомнено беше во центарот на вниманието. Најпрво Швеѓанецот во четвртата минута и побегна на одбраната на Арсенал и со прецизен удар од 16 метри го совлада Раја. Судиите потоа долго време ги гледаа снимките од ВАР и цртаа линии кои покажаа дека Исак бил во офсајд.
Сепак, Њукасл поведе во 19. минута, кога Исак повторно лесно ја избегна одбраната на „топчиите“, овојпат шутираше дијагонално од левата страна, ја погоди стативата, топката се одби до Марфи, кој ја испрати одбиената топка во мрежата.
Гостите се бореа, имаа една добра шанса за израмнување, но Тросар не ја искористи во 24. минута Дубравка го одбрани ударот и ја испрати топката во корнер.
Натпреварот дефинитивно беше решен на стартот од вториот дел. Гордон најпрвин имаше шанса по лошата реакција во одбраната на Арсенал, во 49.минута, но не беше прецизен.
Слична ситуација се повтори и три минути подоцна, голема грешка направи голманот Раја, а 23-годишниот напаѓач го казни неговиот кикс.
Њукасл во финалето ќе игра против победникот од второто полуфинале во кое играат Тотенхем и Ливерпул. Во првиот меч во Лондон, Спарс победија со 1:0, реваншот е закажан на „Енфилд“ во четврток од 21 часот.