Top Sport

(Видео) „Олд Трафорд“ заминува во историјата, Јунајтед ќе гради нов стадион

Челниците на Манчестер јунајтед потврдија дека англискиот клуб ќе го напушти сегашниот стадион „Олд Трафорд“ и ќе го изгради нов дом, кој ќе може да прими 100.000 гледачи.

Јунајтед ги помина изминатите 115 години на „Олд Трафорд“, култен стадион со капацитет од речиси 74.000 седишта.

Новиот стадион треба да биде изграден на земјиште во сопственост на клубот во непосредна близина на „Олд Трафорд“, пренесуваат англиските медиуми.

Планот е новиот стадион да биде во центарот на модерен комплекс кој ќе се наоѓа околу сегашниот дом на фудбалерите на Манчестер Јунајтед, кој ќе биде срушен.

„Ѓаволите“ на тој проект ќе потрошат две милијарди фунти.

„Денес започнува едно неверојатно возбудливо патување – изградбата на најдобриот стадион во светот, среде „освежениот“ комплекс „Олд Трафорд“. „Нашиот сегашен дом прекрасно ни служи во изминатите 115 години, но тој е застарен во споредба со најдобрите стадиони во светот“, рече косопственикот на клубот, Сер Џим Ретклиф, додавајќи:

„Со изградбата на новиот стадион во непосредна близина на постоечкиот, ќе ја зачуваме суштината на Олд Трафорд – а во исто време ќе им овозможиме на навивачите сосема поинакво искуство на само еден камен од нашиот историски дом“.

Стадионот ќе изгледа како „чадор“, ќе има нов јавен плоштад кој ќе биде „двојно поголем од плоштадот „Трафалгар“, а за дизајнот е одговорно архитектонското студио „Фостер и партнери“.

Клубот, кој во моментов е долг повеќе од милијарда евра, не објави како ќе ја финансира изградбата на стадионот.

Сепак, проектот на Јунајтед предвидува изградба на целата површина околу стадионот и ќе отвори 92.000 нови работни места, ќе донесе 17.000 нови домови и прилив од речиси два милиони дополнителни посетители годишно.

Scroll to Top