Манчестер сити го декласираше Реал Мадрид со убедливи 4:0 за да се пласира во финалето на Лигата на шампионите, каде што ќе се судри со Интер, кои вчера го комплетираа триумфот над Милан. Големото финале се игра во Истанбул на 10 јуни.
Со ова се става крај на „владеењето“ на „кралевите“ во Лигата на шампионите на брутален начин, посебно во неверојатното прво супериорно полувреме на тимот на Пеп Гвардиола. Додека Манчестер сити (и Пеп) ќе се обидат да ја скршат клетвата и да стигнат до европскиот трофеј по години доминација во Англија, во Реал Мадрид остануваат многу неодговорени прашања околу иднината на ѕвездите во години, како и на Карло Анчелоти на клупата пред најавениот „ремонт“ во текот на летниот преоден рок.
Првото полувреме беше вистински кошмар за гостите од Мадрид, кои пристигнаа на „Етихад“ со 1:1 од првиот меч. Иако се очекуваше дека Сити ќе биде тимот кој ја има иницијативата, поседот од топка од 80 отсто на Сити и само еден удар кон голот на противникот (пречката на Крос) беа премалку за тимот кој е актуелен европски шампион.
Иако Ерлинг Халанд „мируваше“, Бернардо Силва во 23. минута постигна прекрасен гол по асистенцијата на Кевин де Брујне, за во 37. минута да зголеми на 2:0. Иако Реал го крена (ниското) ниво на почетокот на второто полувреме, не успеаја да создадат вистинска опасност пред голот на Едерсон, а кога Едер Милитао си ја смести топката во сопствената мрежа во 74. минута, прославата на домаќините можеше да почне, за потоа Пеп Гвардиола да го стави во игра Хулијан Алварез и тој во 91. минута само да ја зголеми мизеријата на Реал.
Сити сега е на добар пат да го повтори успехот на Манчестер јунајтед од 1999 година – играат во финалето на Лигата на шампионите, им треба една победа во последните три меча во Премиерлигата за нова титула, а во финалето на ФА купот ќе се судрат со Манчестер јунајтед за комплетирање на тројната круна.