Фудбалерите на Реал Мадрид ремизираа 2:2 во Елче во рамките на 13-то коло во Примера. Претпладнево првиот човек на Реал, Флорентино Перез одржа говор на Собранието на клубот. Во говорот од 78 минути тој ги критикуваше судиите, а токму овој натпревар го обележа судиската одлука на крајот од натпреварот, која беше во корист на Реал Мадрид. Реал изедначи во 87-та минута, а на голот му претходеше очигледен прекршок врз голманот на Елче, Ињаки Пења.
Елче, одигра храбро против фаворитот, два пати водеше на крајот освои само еден бод.
Елче имаше неколку добри шанси во првиот дел. Првата ја промаши Рафа Мир, но Куртоа брилијантно интервенираше. Потоа одлична шанса имаше и Андре Силва, кој сакаше несебично да го проигра Мир, но Хаусен интервенираше во последен момент.
Потоа на сцената излезе Ињаки Пења на другата страна. Мбапе имаше две големи шанси, но голманот на Елче беше херој во двата наврати. Прво, го запре во ситуација еден на еден, а потоа покажа добра рефлекс кога францускиот репрезентативец фати волеј од работ на шеснаесетникот.
Алеш Фебас го доведе својот тим во водство во 53-та минута, ја имаа предноста се до 78-та минута кога изедначи Дин хаусен.
Во 84-та минута, Елче повторно ги израдува своите навивачи преку Алваро Родригез, но славјето не траеше долго. Џуд Белингам изедначи три минути подоцна.
Реал го задржа првото место, но сега има само еден бод повеќе од Барселона, која е во серија од три триумфи. Три бода помалку има одличниот Виљареал, кој четири победи во низа, а четири бода од Реал е оддалечен Алетико Мадрид, чии фудбалери победија на последните пет натпревари.
Foto/ EPA
