Top Sport

(Видео) Роналдо потврди: СП 2026 ќе ми биде последно

Португалската фудбалска легенда Кристијано Роналдо потврди дека Светското првенство во 2026 година ќе биде неговиот последен настап на големата сцена, во националниот дрес.

Во интервју за „Си-Ен-ЕН“ за време на самитот во Ријад, капитенот на португалската репрезентација изјави дека на 41-годишна возраст е вистински момент да се збогува.

„Уживам во моментот, но кога велам наскоро – мислам навистина наскоро. Му дадов сè на фудбалот. Во играта сум 25 години, постигнав многу, имам бројни рекорди во клубовите и во репрезентацијата. Горд сум на сè што направив, а сега само сакам да уживам во овие моменти“, рече Роналдо.

Постигна 143 гола за Португалија, исто така тој е првиот играч што постигнал гол на пет различни Светски првенства.

Следното Светско првенство ќе биде најголемо во историјата, со 48 национални селекции, и ќе започне на 11 јуни 2026 година во САД, Мексико и Канада. Ждрепката е закажана за 5 декември во Вашингтон.

Оваа година, Роналдо испиша историја и надвор од теренот – според Блумберг, тој стана првиот фудбалер милијардер, откако го продолжи договорот со Ал Наср од Саудиска Арабија.

Зборувајќи за иднината, Роналдо нагласи дека негова најголема желба е неговиот син Кристијано Јуниор, член на португалската репрезентација под 16 години, да ги надмине неговите успеси.

„Луѓето обично не сакаат некој да биде подобар од нив, но јас навистина сакам мојот син да биде подобар од мене. Никогаш нема да бидам љубоморен, верувајте ми“, рече Роналдо.

Scroll to Top