Успешен настап на гостите во петте попладневни натпревари одиграни во рамките на третото коло во Бундеслигата. Гостите освоија 10 од можните 15 бодови. Лајпциг не успеа да го победи Унион Берлин, натпреварот заврши без голови.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас и во третото коло не доби шанса од тренерот Марко Розе. Елмас од клупата за резерви го гледаше мечот. Лајпциг се мачеше, имаше шанса да победи, но Опенда не реализираше пенал во второто полувреме.
Шампионот Баер, по поразот од Лајпциг во минатата рунда, го прегази Хофенхајм со 4:1. Два гола постигна Бонифејс, овој играч му асистираше на Терие, а гол постигна и Вирц од пенал. Единствен стрелец за Хофенхајм беше Бериша во првото полувреме.
Штутгарт славеше со 3:1 на тешкото гостување во Менхенгладбах. Удав погоди за „швабите“, а изедначи Плеа. Во вториот дел Демировиќ со два гола во 58. и 61.минута ја запечати победата на Штутгарт.
Ајнтрахт славеше победа во Волфсбург со 2:1, а со ист резултат Фрајбург на домашен терен го победи Бохум.