Foto/ EPA
Германскиот третолигаш Сарбрикен приреди сензација во 2.коло од Купот на Германија, совладувајќи го Баерн со 2:1. Избраниците на Томас Тухел поведоа во 16. минута со голот на Томас Милер. Патрик Сонтхајмер го започна пресвртот на германскиот нисколигаш со гол во првата минута од судиското надополнување, а конечните 2:1 ги постави Марсел Гаус со гол во 96. минута.
Неколку навивачи на Сарбрикен веднаш се упатија на теренот на Лудвигспарк стадион за да ја прослават една од најголемите победи во историјата на клубот. Еден од навивачите истрча директно кон капитенот на Баерн, Мануел Нојер (37), за кого ова беше втор натпревар од декември 2022 година. Да потсетиме, германскиот голман на крајот на минатата година ја скрши ногата на скијање и отсуствуваше речиси една година.
Германските медиуми пишуваат дека навивачот на Сарбрикен викал и го провоцирал Нојер, но голманот останал целосно смирен и не го ни погледнал, туку почнал да ги вади ракавиците и се упатил кон соблекувалната.