Top Sport

(Видео) Шампионот фрлен на колена – Сити го растури Ливерпул

Фудбалерите на Манчестер Сити го победија Ливерпул на „Етихад“ со 3:0 во дербито на 11-то коло од Премиер лигата.

По двата порази во минатогодишните судири, тимот на Пеп Гвардиола влезе во неговиот 1.000-ти натпревар во тренерската кариера како голем фаворит, и му донесе рутинска победа на јубилејот.

Уште од првата минута беше јасно дека ова ќе биде вечер на „Граѓаните“ и Жереми Доку.

Тој успеа да го искористи недостатокот на комуникација помеѓу Бредли и Конате, и им ја одзеде топката во нивниот шеснаесетник, по што беше соборен од Мамардашвили.

Одговорноста да го изведе пеналот ја презеде Ерлинг Халанд, но го направи тоа на исклучително слаб начин и на тој начин му дозволи на Грузиецот да го „прочита“.

Резултатот остана на 0:0, но „Црвените“ не го искористија моментумот по одбранетиот пенал.

Сити продолжи да напаѓа и поведе по половина час игра. Нунес центаршутираше од десно, а Норвежанецот беше на вистинското место.

Ливерпул ја бараше својата шанса и ја доби на крајот од првото полувреме. Гостите ја затресоа мрежата. Ван Дајк беше највисок по корнерот и постигна гол, но проценката на судијата беше дека Робертсон од офсајд позиција му пречел на Донарума.

На истекот на првиот дел Нико Гонзалес ја зголеми предноста на Сити.

Точка на мечот стави најдобриот поединец на теренот, Доку во 63-та минута.

Ливерпул загуби по четврти пат на гостински терен и со 18 бода актуелниот шампион е на осмата позиција, додека Сити сега има четири поени помалку од лидерот Арсенал.

Сити ќе гостува кај Њукасл во следното коло, додека Ливерпул ќе му биде домаќин на Нотингем.

Scroll to Top