Поразите на тимовите од Манчестер и првата победа на Лутон во елитното англиско друштво ги обележаа попладневните натпревари од 7.коло во Премиер лигата.
Актуелниот шампион на Англија и Европа, Манчестер сити, го доживеа првиот пораз оваа сезона. „Граѓаните“ потклекнаа на гостувањето кај Вулверхемптон.
Поразот на Сити на „Молиноу“, го најави Португалецот Рубен Дијаз. Еден од најдобрите дефанзивци во Премиер лигата си постигна авто-гол во 13.минута.
Хулијан Алварез израмни во 58. минута со одличен слободен удар, но само осум минути подоцна Хванг Хи Чан го постави конечниот резултат.
Доколку Ливерпул вечерва го победи Тотенхем ќе се искачи на првото место на табелата.
Ниту другиот тим од Манчестер не се прослави во ова коло. Пред четири дена Јунајтед го победи Кристал Палас во Лига купот, но во првенството загуби од овој тим.
Стрелец на единствениот гол беше Јоаким Андерсен во 27. минута од натпреварот. Данскиот стопер остана сам во шеснаесетникот на домаќините и шутираше од прва и постигна ефектен гол.
Последниот ден од октомври 2023 година засекогаше ќе биде запишан во историјата на Лутон. Дебитантот во Премиер лигата ја запиша првата победа во елитната конкуренција. Лутон славеша на „Гудисон Парк“, кај Евертон со 2:1. Историската победа на Лутон му ја донесоа Локјер и Морис со головите во 24. и 31. минута. Калверт Лувин го постигна голот за Евертон.
Арсенал, според прогнозите, лесно славеше во Борнмут со 4:0. Натпреварот го одбележа Каи Хаверц, кој го постигна првиот гол во дресот на „топчиите“. Германецот беше стрелец од белата точка. Пред него од пенал Букајо Сака, а стрелци беа и Мартин Едегор, односно Бен Вајт.
Покрај Арсенал, рутински победи од по 2:0 забележаа Вест Хем над Шефилд јунајтед, односно Њукасл над Барнли.