Top Sport

(Видеоанкета) Расте еуфоријата во Мадрид: Кој ќе победи Ливерпул или Тотенхем

Еуфоријата во Мадрид расне, а остана уште еден ден до големото финале од Лигата на шампионите каде силите ќе си ги одмерат тимовите на Ливерпул и Тотенхем. Неизвесно е кој ќе извојува победа, но поддржувачи од целиот свет ќе ги бодрат на стадионот во Мадрид. Низа на настани се одвиваат пред почетокот на големото финале, од фестивали до спортски активности. Фан-клубови се поставени на неколку плоштади.

Градот се полни, најбројни се Англичаните, но доаѓаат фанови и од други држави, како Австралија, Франција, Холандија, Америка и други држави. Слободното време пред натпреварот го користат за посета на знаменитостите низ градот, но и за купување на дресови и навивачки реквизити од официјалните продавници на УЕФА.

Навивачите на Ливерпул велат дека нивниот тим е без конкуренција, а играчите се неверојатно добри.

„Јас сум од Ливерпул и секогаш сум го поддржувал Ливерпул. За мечот во сабота, мислам 2:0 за Ливерпул. Причина – можат да продолжат одлично како и во текот на сезоната, за да можеме да прославувамe“, вели еден од фановите.

Низ улиците можат да се забележат и познати фудбалски имиња. На плоштадот Плаза Мајор во Мадрид, беше фудбалерот Фернандо Мориентес кој се дружеше со фановите. Мориентес играше за Реал Мадрид, Монако, Ливерпул и Валенсија.

За некои од навивачите, изненадувачко е враќањето на Ливерпул по мечот со Барселона. Но и покрај ова, тие ќе го бодрат Тотенхем.

„Дојдов да го гледам финалето, ќе биде забавно да се гледа, убеден сум. Мислам дека Тотенхем ќе издвои победа. Ги сакам многу повеќе играчите, имаат многу подобра основа и подлабока поставеност, така што мислам ќе го добијат овој меч. Ќе биде неизвесно, но се надевам 3:2, со многу голови“, смета фанот на Тотенхем.

Мадрид овие денови е центар на фудбалскиот свет, а сите со нетрпение го очекуваат финалето од Лигата на шампионите. Мечот меѓу Ливерпул и Тотенхем ќе се игра во сабота од 21 часот на арената „Ванда Метрополитано“. Билетите се целосно распродадени, а оние кои не набавиле на време, купуваат од „црниот пазар“ по високи цени кои достигнуваат до 10 илјади фунти.

Од Мадрид за Топспорт, Кристијан Ландов

Scroll to Top