Една деценија откако последен пат играше во Премиер лигата, легендата на Арсенал, Патрик Виера е потврден како нов менаџер на лондонските ривали Кристал палас, кои му дадоа тригодишен договор на поранешниот тренер на Ница и Њујорк сити. 45-годишниот Виера го заменува Рој Хоџсон, кој замина во пензија.
„Возбуден сум што имам шанса да се вратам во Премиер лигата и да бидам менаџер на овој голем фудбалски клуб со кој почнуваме ново поглавје. Проектот е навистина примамлив, зборував со спортскиот директор и со претседателот за амбициите на клубот и се надевам дека ќе помогнам во растот на клубот. Едвај чекам да ги поздравам навивачите на ‘Селхарст парк’“, вели Виера.
Покрај фантастичната светска титула со Франција во 1998 година, Виера останува запаметен кај навивачите на Арсенал како капитен на „непобедливите“ на Арсен Венгер, освојувајќи три титули во Премиер лигата.