Поранешната ѕвезда на Јувентус и на Челси, Џанлука Вијали откри дека имал „тешка“ борба со ракот, но за среќа потврди дека е во процес на опоравување.
54-годишниот Вијали покрај тоа што играше за Челси од 1996 до 1999 година, беше и менаџер на клубот од 1998 до 2000, освојувајќи го ФА купот и два европски трофеи, но од 2002 е надвор од менаџерската позиција откако беше отпуштен од Ватфорд.
По ова, тој работеше како ТВ-коментатор и во интервју за „Кориере дела сера“ призна дека во времето на паузата од фудбалот се борел со ракот.
„Па, можев и без тоа, но не беше возможно. Тогаш го сметав тоа само како фаза во мојот живот кој морам да го поминам со храброст и од кој морам да научам нешто. Беше тешко да се каже на другите, на моето семејство. Никогаш не сакаш да ги повредиш тие кои сакаш, моите родители, мојата сестра и браќата, мојата сопруга Катрин, моите девојчиња Оливија и Софија. Добиваш и некое чувство на срам, како тоа што се случило да е твоја грешка. Затоа одев со блуза под кошулата, за сите да го забележат Вијали кој го знаеја“, објаснува Вијали.
Италијанецот вели дека сега е во процес на враќање во форма, иако признава дека стравува од повторување на болеста.
„Помина цела година и сега сум во одлична физичка состојба. Но, уште не знам кога мечот ќе заврши. Се надевам дека мојата приказна ќе ги инспирира луѓето во клучните моменти во нивниот живот“, додава Вијали.