Top Sport

„Викингот“ Ериксен ја замолче „Зелената армија“ (видео)

Данска е последниот 14. европски тим кој оствари пласман на Светското првенство во Русија, откако по домашните 0:0, ја растури Република Ирска во Даблин со 5:1, предводени од хет-трикот на Кристијан Ериксен, за да покаже дека во моментов го има далеку подобриот тим.

А сè почна како бајка за „Зелената армија“ и нивниот тим на теренот на „Авива“ во Даблин.  Дефанзивецот Шејн Дафи по една долга топка упатена во шестнаестникот на Данците, ја користи грешката на одбранбените играчи и со глава носи водство од 1:0.

Со овој резултат Ирците веќе се видоа во Русија, меѓутоа во 29. минута дефанзивецот на Челси, Андреас Кристенсен ги освести израмнувајќи по лошо завршената работа во одбраната.

Само три минути подоцна гол-машината на Тотенхем и данската репрезентација, Кристијан Ериксен се најде во добра позиција по мешаницата пред противничкиот гол и веќе беше 2:1.

Со овој резултат се отиде на одмор, но Ериксен во второто полувреме ги уништи сите надежи за херојска ирска победа.  Во 63. минута, Ериксен постигна фантастичен гол од 20-тина метри, пред во 74. минута да искористи уште една глупава грешка во шестнаестникот на Ирска, за со ефектен гол да го комплетира хет-трикот.

Нововлезениот „Лорд“ Никлас Бендтнер исто така искористи шанса да се запише во листата на стрелците во 90. минута од белата точка за да го потврди петтиот пласман на Данците на Светско првенство, прво од Јужна Африка во 2010 година.

Ирците ќе почекаат барем уште четири години за следниот, четврт пласман на СП, откако последен пат играа во 2002 година во Јужна Кореја и Јапонија.

РЕПУБЛИКА ИРСКА – ДАНСКА 1:5

Дафи 6’ – Кристенсен 29’, Ериксен 32’, 63’, 74’, Бендтнер 90’ (п)

ЕВРОПСКИ ПРЕТСТАВНИЦИ НА МУНДИЈАЛОТ

Русија, Белгија, Германија, Англија, Шпанија, Полска, Исланд, Србија, Португалија, Франција, Швајцарија, Хрватска, Шведска, Данска

Scroll to Top