Репрезентацијата на Норвешка продолжува со совршените квалификации и веќе обезбеди место на Светското првенство! „Викинзите“ ја декласираа селекцијата на Израел со убедливи 5-0 (3-0) и ја запишаа шестата победа во исто толку натпревари.
Норвежаните тргнаа жестоко и уште во шестата минута имаа пенал, но Ерлинг Халанд не успеа да реализира. Сепак, ѕвездата на Манчестер Сити брзо се поправи – во 27. минута го отвори резултатот, а во меѓувреме Израел си постигна два авто-гола преку Калаили и Накмиас.
На полувреме резултатот беше 3-0, а во второто полувреме Халанд ја заврши работата. Со уште два погодоци комплетираше нов хет-трик и ја потврди доминацијата на Норвежаните во групата И.
Тимот на Солбакен има максимални 18 бода, а зад нив се бори Италија на Џенаро Гатузо за второто место кое носи пласман во баражот.
Во истиот термин, Унгарија потешко од очекуваното ја совлада Ерменија со 2-0. По прво полувреме без голови, Даниел Лукаш погоди во 56. минута, а Сомбор Грубер со гол во самиот финиш ги постави конечните 2-0.
По три одиграни кола, Унгарија има четири бода, еден повеќе од Ерменија.