Поранешниот напаѓач на Барселона, Давид Вилја вели дека Рафиња и Винисиус Жуниор ќе го одлучат победникот на „Ел класико“ пресметката на „Ноу Камп“.
Рафиња влегува во мечот во одлична форма со 5 гола и 2 асистенции во последните девет меча за Барселона, и Вилја смета дека мора да се внимава на Бразилецот.
„Тој сега е еден од клучните играчи на Барселона. Тие секогаш зависеле од директните крила и тој е фантастично засилување за тимот. Го следев и кога играше за Лидс бидејќи сум пријател со Родриго и Џек Херисон и воопшто не сум изненаден од неговата игра. Тој дава голови и асистенции, но и многу повеќе во тимот. Играв на левото крило за Барса и знам што значи да отвараш простор за другите“, вели Вилја.
Сепак, тој има и пофални зборови за Винисиус Жуниор, признавајќи дека ужива кога го гледа како игра.
„Го сакам тој негов директен стил на игра. Мислам дека модерниот фудбал полека го губи тој тип на играч кој е на крилото и кој оди во директни дуели. Немаше многу и пред него. Фантастично е да го гледаш како игра. Покрај тоа, сега е позрел играч и има далеку поголема самодоверба“, објаснува поранешниот напаѓач.