Реал Мадрид ја забележаа својата деветта победа во 13 меча во шпанската Ла лига, триумфирајќи со 1:4 на гости во Андалузија кај Гранада за да се вратат на првото место на табелата.
Винисиус Жуниор го запиша својот осми гол оваа сезона, за тимот на Карло Анчелоти да продолжи со одличните игри во домашната лига и сега да имаат два поени пред Севилја и Реал Сосиедад на врвот на Ла лига.
Тони Крос имаше две асистенции во само шест минути – прво во 19. минута до Марко Асенсио, и во 25. минута до Начо Фернандез за убедлива предност на „кралевите“. Луис Суарез (не тој што мислите), во 34. минута даде надеж на домаќините дека можат до сензација, но Винисиус Жуниор во 56. минута со убав гол да ја врати предноста од два гола. Ферлан Менди во 76. минута само ја доврши работата.
Гранада останува во опасната зона на 18. место со 11 освоени поени.