Top Sport

Винисиус ги казни Ливерпул, Сити во 90-тата минута извади победа над Дортмунд

Бразилскиот талент Винисиус Жуниор првпат во кариерата постигна два гола, за да ги предводи Реал Мадрид до 3:1 победа над Ливерпул во мега-мечот од четврт-финалето на Лигата на шампионите, додека Манчестер сити, со малку помош од судијата, стигнаа до 2:1 победа над Борусија Дортмунд, за да се постават два интересни реванши.

Реал со голем број на повредени и позитивни фудбалери, имаа фантастично прво полувреме во кое поведоа со 2:0, додека Ливерпул не упати ниту еден удар на голот на Тибо Куртоа. Во 27. минута, Тони Крос упати фантастична асистенција од над 50 метри до Винисиус Жуниор, кој лесно се прошета низ одбраната на Ливерпул и донесе 1:0 водство. Само девет минути подоцна, по грешката на Трент Александер-Арнолд, Марко Асенсио успеа да го лобува излезениот голман Алисон за 2:0.

Надежта кај Ливерпул се врати во 51. минута, кога Мохамед Салах успеа да намали на 2:1 и да го постигне толку важниот гол во гости, но Винисиус очигледно беше расположен за игра, откако во 65. минута ја врати предноста од два гола на „кралевите“. Сепак, ова не значи дека тимот на Зинедин Зидан има огромна предност пред гостувањето на „Енфилд“, бидејќи таму шпанските екипи не поминуваат најдобро.

Манчестер сити, пак, можеби газат во Премиер лигата, но Лигата на шампиони носи поинаков фудбал, и тимот на Пеп Гвардиола успеа да направи само минимална предност од 2:1 во дуелот со младиот тим на Дортмунд. Кевин де Брујне уште во 19. минута ги донесе Сити во водство по една убава акција, но во првото полувреме Дортмунд не доби пенал, а беше и поништен голот на Џуд Белингам во 37. минута поради грешка на судијата Хатеган.

Сепак, Дортмунд не се откажаа и во 84. минута стигнаа до израмнување преку Марко Ројс, пред Фил Фоден да ја врати предноста на Сити во 90-тата минута. И тука не чека интересен реванш.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/4 ФИНАЛЕ, 1.МЕЧ

Реал Мадрид – Ливерпул 3:1

Манчестер сити – Борусија Дортмунд 1:1

Баерн Минхен – Пари Сен-Жермен утре 21.00 ч

Порто – Челси утре 21.00 ч.

Scroll to Top