Top Sport

„Винисиус мисли дека е недопирлив, бргу ќе сфати дека е лесно заменлив“

Евентуалниот трансфер на Килијан Мбапе во Реал Мадрид ќе предизвика заминување на Винисиус Жуниор, пренесуваат шпанските медиуми повикувајќи се на извори од „кралскиот клуб“.

Мбапе е долгогодишна желба на Реал и од клубот се надеваат дека конечно по завршувањето на оваа сезона ќе успеат да го реализираат овој трансфер. Доколку Реал го реализира планот и го донесе Мбапе, веднаш на продажба ќе го стави Бразилецот.

Винисиус минатата сезона постигна 23 гола и забележа 21 асистенција, оваа сезона има 10 гола и четири асистенции на 18 одиграни натпревари.

Тој веќе пропуштил повеќе од десет поради повреди.

„Се смета себеси за недопирлив, можеби затоа што е убеден дека ги отелотворува вистинските вредности на клубот“, пишува шпански „Спорт“, а потоа додава: „Сепак, тој има рок на траење на „Сантијаго Бернабеу“ и наскоро би можел да сфати дека е лесно заменлив отколку што мисли“.

Претседателот на клубот Флорентино Перез, се наведува во текстот, е личноста која одлучува за се, а целта му е да го доведе Килијан Мбапе. Доколку успее да го направи тоа во летниот преоден рок, ќе го жртвува Винисиус бидејќи е свесен дека тие двајца се неспоиви во фудбалот. Покрај тоа, трансферот на Винисиус ќе ги ослободи парите потребни за фараонските плати на Мбапе.

„Винисиус можеше да погледне што се случи со Кристијано Роналдо, најистакнатиот фудбалер во модерната историја на Реал. Тој го напушти клубот на „мала врата“, а Перез и денес зборува лошо за него“.

Винисиус е во Реал од 2018 година. Учествуваше во освојувањето на 10 титули со клубот, од кои две во Ла Лига и една од Лигата на шампионите. На 243 натпревари во белиот дрес постигна 69 и забележа 68 асистенции.

„Перез очекуваше тој да биде во Реал како што беше Нејмар во Барселона. Но, тој не е најдобриот играч на тимот. Единственото нешто во што го надмина Нејмар е неговото неприфатливо однесување на теренот“, пишува во текстот на „Спорт“.

Scroll to Top