Јувентус синоќа во Франција доживеа пораз од Лион (1-0) во првиот осминафинален дуел, а „Старата дама“ разочара со изданието.
Навивачите прстот го вперуваат кон тренерот Маурицио Сари кој ќе има уште една прилика да докаже дека е вистинскиот човек на Јуве. Доколку загуби од Интер во недела, се чини дека моментално ќе добие отказ.
Информациите кои доаѓаат од Италија се дека моментално решение ќе биде враќање на неговиот претходник, Масимилијано Алегри кој се уште е под договор со бјанконерите, пренесува „Ла Република“.
Целта на Управата на Јуве е освојување на ЛШ. Дури и да го победи Интер викендов, дури и да го помине Милан во Копа Италија, па и да го елиминира Лион во ЛШ, тешко дека Сари ќе ја задржи функцијата во клубот од Торино по завршувањето на сезоната.
Сопственикот Ањели се чини има план. Опции за наследник на Сари има две – Симоне Инзаги од Лацио и довчерашниот менаџер на Тотенхем, Маурисио Покетино.
Јувентус синоќа во Лион имаше бледа партија – нула удари во рамки на голот на домаќините.
Италијанците пишуваат и дека 61-годишниот наполитанец кој има само еден освоен трофеј во кариерата се уште ја бара тактичката идеја.