Фудбалерите на Реал Мадрид биле шокирани од одлуката на Лионел Меси да си замине од главниот ривал, Барселона, тврди „ЕСПН“, кои додаваат дека по „бомбата“ на Аргентинецот се „вжештила“ чет-групата на Ватсап на фудбалерите на „кралевите“.
Според изворите на „ЕСПН“, фудбалските ѕвезди на Реал биле вчудоневидени од вестите кои ги слушале и дел од нив не верувале дека такво нешто е можно.
Толку е долг престојот на Меси во клубот од „Ноу Камп“, што ниту еден од активните фудбалери на тимот нема играно на „Ел класико“ без Аргентинецот во составот. Дури и капитенот, Серхио Рамос, кој 15 години е во тимот, пристигна на „Бернабеу“ сезона пред Меси да го има своето деби во „Ел класико“ во 2004.
Меси, инаку, е апсолутен најдобар стрелец во класичниот дуел Барса-Реал Мадрид со 26 гола, од кои 18 во Ла лига. Тој беше дел од многу легендарни моменти во овие пресметки – од неговиот прв хет-трик за Барса при 3:3 ремито во 2007 до драматичната победа од 3:2 во 2017, кога славно го држеше дресот кон публиката.