Спортскиот директор на Борусија Дортмунд, Михаел Цорк признава дека неговиот тим ја загубил трката за титулата во Бундеслигата, признавајќи дека Баерн Минхен повторно се недостижни за нив.
Пред рестартот на Бундеслигата минатиот месец, Дортмунд заостануваа четири поени зад Баерн со девет меча пред крајот, но минатата недела загубија со 0:1 во „Дер класикер“, и сега Баварците се седум поени пред нив по минатонеделната 5:0 победа над Фортуна Диселдорф. На пет меча пред крајот, Цорк признава дека се поразени и дека Баерн ќе освои осма титула во низа.
„Мислам дека го кажавме тоа веднаш по мечот со Баерн. Од наша гледна точка, титулата е веќе одлучена. Не веруваме дека Баерн ќе се ’сопне’, бидејќи се многу добри и тоа мора да се признае. Ние сме втори и би сакале да завршиме таму“, вели Цорк.
Дортмунд имаат два поени предност пред третопласираните РБ Лајпциг и четири пред Борусија Менхенгладбах и Баер Леверкузен, а БВБ ќе гостува кај Лајпциг до крајот на сезоната.