Германскиот фудбал страда од претерано користење на средства против болки во обид за брзо враќање од повредите, се тврди во последниот документарец за проблематиката во Германија.
Повеќе поранешни професионалци и анти-допинг експерти во документарниот филм тврдат дека фудбалерите од аматерските и професионалните лиги имаат навика да користат апчиња за болки за да се вратат побргу од повредите.
„Во последните 14 години видов како апчиња ибупрофен се јадат како да се бонбони. Клубовите се под притисок да ги вратат фудбалерите што е можно побргу во форма. Тоа е систематски пристап“, вели дефанзивецот на Унион Берлин, Невен Суботиќ.
Ханс Гаер, шефот на анти-допинг лабораторијата во Келн се согласува.
„Средствата против болки ги подобруваат перформансите, но претставуваат опасност за здравјето. Според мене, тоа е во спротивност на етиката на спортот“, вели Гаер.
Тони Граф-Бауман, член на анти-допинг комисијата на Германската фудбалска федерација (ДФС) вели дека постои притисок кај сите.
„Парите, спонзорите, големите плати и медиумите играат поголема улога во фудбалот отколку медицинските причини“, додава Граф-Бауман.