Зинедин Зидан е „очаен“ по тренерското место во Манчестер јунајтед и веќе зема часови по англиски јазик за да се подготви за новото работно место на „Олд Трафорд“, тврди британскиот таблоид „Сан“.
Иднината на Жозе Мурињо повторно е неизвесна, и покрај тврдењето на првите луѓе на клубот дека имаат „долгорочен план“ со Португалецот, посебно по слабиот старт на сезоната и конфликтот со Пол Погба.
Едно име постојано се јавува како кандидат за местото на Мурињо, поранешниот тренер на Реал Мадрид, откако тој наводно одбил повеќе понуди за да биде достапен за итно селење во Англија. Зидан, кој го смени Рафа Бенитез на клупата на Реал Мадрид пред две и пол години, направи фантастичен успех освојувајќи три титули од Лигата на шампионите, пред изненадувачки да замине ова лето.
Според „Сан“, фудбалерите и управата на Јунајтед биле шокирани од изјавата на Жозе Мурињо за Фил Џонс и Ерик Баи по шокантниот пораз од Дерби каунти, и би сакале некој со „помек“ стил на менаџирање да го преземе кормилото на клубот. Дел од лидерите на клубот исто така сметаат дека под друг тренер Јунајтед може да има многу подобри резултати со истиот состав.
Фото: ЕПА